Координаторот на СДСМ во третата изборна единица, Ацо Велковски, реагира на резултатите од најновото истражување PISA 2025, според кои, како што наведува, само 26% од 15-годишниците го достигнуваат основното ниво на читање со разбирање.

„Додека вие со години се карате кој е виновен, кој украл повеќе и кој ја ограбил државата, нашите деца остануваат без знаење“, наведува Велковски.

Според него, 74% од 15-годишниците не го достигнуваат основното ниво на читање со разбирање.

Во математиката, 32% го достигнуваат основното ниво, додека во природните науки тоа го достигнуваат 36%.

Велковски наведува дека просекот во земјите од ОЕЦД за читање е 69%.

„Ова се наши деца. Додека се натпреварувате кој кого ќе обвини, кој ќе направи поголем скандал и кој ќе излезе на телевизија, неколку генерации плаќаат за нефункционалното образование“, вели тој.

Тој упатува порака до министерката за образование и до пратениците во Собранието, оценувајќи дека образованието во државата се соочува со сериозни проблеми.

„26% не е бројка за криење. 26% е аларм за цела Македонија“, наведува Велковски.

Во реакцијата тој посочува и на, како што наведува, „35 години политички претстави и игри, партиски вработувања, тендери и борба за интереси“, додека образованието и државата, според него, „тонат“.