В понеделник, 5. октомври, во 19:00 часот, со изложба на Евгениј Пантев и концерт на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска започнува новата галериска и концертна сезона во македонскиот КИЦ во Загреб.

Настанот ги поврзува визуелната и музичката уметност, отворајќи простор за претставување на македонското графичко и музичко творештво пред хрватската публика.

„Дисциплина на скратениот траг“, на Евгениј Пантев, е самостојна графичка изложба што опфаќа дела создадени во техника на длабок печат. Поставката е замислена како заокружена авторска целина што на хрватската публика ѝ го доближува уметничкиот израз и техничкиот пристап на современото македонско визуелно творештво.

По отворањето на изложбата следи рецитал за кларинет со придружба на клавир. Кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска ќе изведат дела од светската и македонската класична музичка продукција. Програмата ги поврзува познатите класични остварувања со композиции на македонски автори, а преку елементи на етномузиката и мотиви од македонскиот фолклор го поврзува класичниот музички израз со традиционалното наследство.

Проектот се реализира во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Текстот Македонскиот КИЦ во Загреб ја отвора новата галериска и концертна сезона е превземен од МАКФАКС.