Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Токио на 30 октомври. Филмот е во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А категорија.

Манчевски и дел од актерската екипа на „Сестра, брат и шахта“ ќе продефилираат по црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио на 26 октомври. По светската премиера во најголемата сала на фестивалот на 30 октомври, режисерот и актерите ќе учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународни медиуми. На 2 и 3 ноември закажани се уште две проекции на филмот.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

Фото: Маја Аргакијева

Текстот „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски со светска премиера во Токио е превземен од МАКФАКС.