Во рамки на проектот „Македонски музички текови 2026“, поддржан од Град Скопје, Културно-информативен центар – Скопје најавува камерен концерт „Резонанца“, кој ќе се одржи на 6 октомври 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Салон „19’19“.
На концертот ќе настапат Филип Петрески – хармоника, Александра Чуруковска – контрабас и Тамара Коминовска – пијано.
Влезот за концертот е слободен.
„Резонанца“ – средба на различни звучни светови
„Резонанца“ го истражува несекојдневниот музички дијалог меѓу хармониката и контрабасот, со пијаното како дополнителен звучен елемент во дел од програмата. Трите инструменти, со своите специфични звучни карактери, создаваат простор во кој се среќаваат различни музички традиции, епохи и стилови.
Програмата опфаќа дела од Ј. К. Бах, Франц Шуберт, Ернесто Лекуона, Викторија Зубицка и Џовани Ботесини, претставувајќи различни аспекти на камерното музицирање – од барокната јасност и романтичната мелодичност, до темпераментниот и виртуозниот израз.
Посебно место имаат делата во кои до израз доаѓаат богатите звучни и технички можности на хармониката и контрабасот, инструменти кои поретко се среќаваат во ваков камерно-музички контекст.
Уметниците
Филип Петрески е магистер по музичка изведба – хармоника на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Зорица Каракутовска. Во текот на своето образование и професионална кариера има освоено бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Меѓу значајните достигнувања се издвојуваат Златниот медал на интернационалниот натпревар „Italy Award“ во Италија, настапот како солист со Македонската филхармонија во 2025 година, како и учеството на фестивалот „Денови на македонска музика“. Активно настапува како солист и член на различни камерни состави во земјата и странство.
Александра Чуруковска е дипломирана контрабасистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и членка на Македонската филхармонија. Како солист и оркестарски музичар настапувала со повеќе домашни и меѓународни ансамбли, меѓу кои Европскиот младински симфониски оркестар – ESYO и „Camerata Balcanica“. Во 2021 година го реализира својот прв солистички концерт „Романтичните звуци на контрабасот“, а во 2025 година настапува како дел од камерниот оркестар „Ајга“ на EXPO во Осака, Јапонија.
Тамара Коминовска е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во текот на своето образование е добитник на повеќе државни и меѓународни награди, меѓу кои први награди на натпреварите „Даворин Јенко“ во Белград и „Охрид те сакам“. Како пијанистка настапувала како солист со Македонската филхармонија, на фестивалот „Concerti del Tempietto“ во Рим, како и на фестивалите „Денови на македонска музика“ и „Златна Лира“.
Концертот „Резонанца“ отвора простор за средба на три различни инструментални бои и заедничко музичко истражување во кое секој инструмент го задржува својот карактер, но истовремено станува дел од една поширока звучна целина.
Текстот Камерен концерт „Резонанца“ на 6 октомври во Салон „19’19“ е превземен од МАКФАКС.






















