Во периодот од 21 до 25 септември, во Скопје ќе гостува украинскиот писател Иван Андрусјак, кој ќе ја промовира својата книга „28 дена од животот на Бурундук“. Планирани се повеќе настани во рамки на неговата посета во Скопје.
Промоцијата на романот за тинејџери на украинскиот писател Иван Андрусјак ќе се одржи на 22 септември, во 19 часот, во галеријата „Чудна Шума“ (веднаш до кафе-книжарницата „Чудна Шума“), а за делото ќе разговараат писателот Андрусјак, преведувачката на делото Вера Чорниј-Мешкова и уредничката Билјана Црвенковска.
Следниот ден, на 23 септември, во 19 часот, во галеријата „Чудна Шума“ ќе се одржи средба на Андрусјак со Здружението на Украинците во Македонија и средба со најмалите членови.
Повеста на Иван Андрусјак со илустрации на Гана Осадко „Осум дена од животот на Бурундук“ (прв дел од романот „28 дена од животот на Бурундук“) е едно од најпрочуените дела во современата украинска книжевност за помлади тинејџери. Во 2013 година таа влезе во престижниот каталог на најдобри детски книги во светот “White Ravens” („Бели гаврани“).
Покрај главната промоција на делото, планирани се и две читачки и креативни работилници со деца од основни училишта, на 22 септември во библиотеката „Браќа Миладиновци“ и на 23 септември во библиотеката „Страшо Пинџур“ во Скопје, а планирана е и средба на Андрусјак со децата од Здружението на Украинците во Македонија.
Иван Андрусјак е украински поет, автор за деца, прозаист, литературен критичар и преведувач. Тој е прогласен за еден од водечките поети на генерацијата од 90-тите, со свој препознатлив поетски манир заснован на употребата на метафори. Прозата на Андрусјак се карактеризира како силно симболична и метафорична, со користење на дијалекти.
Од 2000 година, тој активно се занимава со литературна критика, главно анализирајќи поезија, бранејќи ги моралните принципи во литературата и правејќи разлика помеѓу книжевна фикција и „поп“ литература.
Од 2005 година, Иван Андрусјак се фокусира на литературата за деца: неговите песни за деца се објавени во повеќе медиуми и антологии – подоцна собрани во книгата „Меко и нежно“ (2010). Во 2007 година беше објавен неговиот прв роман за деца „Стефа и нејзината Чакалка“. Оттогаш тој има напишано преку 30 книги за деца и млади – сликовници, илустрирани романи и кратки раскази. Со првиот дел од оваа книга, објавен оригинално под насловот „8 дена од животот на Бурундук“, едно од најпрочуените дела во современата украинска книжевност за помлади тинејџери, има влезено во престижниот каталог на најдобри детски книги во светот “White Ravens” („Бели гаврани“) за 2013 година. Лауреат е на многубројни украински награди и признанија, а најважна од нив е Наградата Лесја Украинка (за збирката стиховни бајки „Зајачка книшка“ и новелата-бајка „Третиот снег“).
Во 2021 година, украинската секција на Меѓународниот совет за детска и младинска книга (IBBY) го номинираше Иван Андрусјак за Наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ — највисокото светско признание за писатели кои пишуваат за деца и млади.
Андрусјак е член на Националниот сојуз на писатели на Украина, на Здружението на украински писатели и на ПЕН Украина.
Текстот Украинскиот писател Иван Андрусјак гостува во Скопје е превземен од МАКФАКС.























