Театарската сезона Народниот театар Битола ја започна со богат репертоар, но и гостувања по реномирани фестивали. После гостувањето на Меѓународниот фестивал за камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица со „Едмонд“, театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп со „Пинокио“, следува гостувањето со „Кориолан“ на „Magical Nights in Butrint“ во Саранда, Албанија. Изведбата ќе биде на 25 септември.
Претставата во режија на Џон Блондел, која македонската премиера ја имаше како дел од 66. „Охридско лето“, а светската во рамките на „Shakespeare Fringe Festival“ во Верона, го продолжува претставувањето на значајни светски театарски фестивали.
Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството.
Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.
Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска.
Фестивалот во античкиот театар Бутринт, кај Саранда ќе се одржи од 22 до 25 септември.
Текстот Битолскиот театар со „Кориолан“ ќе гостува на фестивал во Саранда, Албанија е превземен од МАКФАКС.























