Германија ќе ја снабди Украина со итно потребни пресретнувачки ракети PAC-2 за системите „Патриот“ од залихите на Бундесверот, изјави денес германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
„Одлучив да ја снабдам Украина со итно потребни пресретнувачки ракети PAC-2 од залихите на Бундесверот“, рече Писториус за време на видеоконференција на министрите за одбрана на земјите што ја поддржуваат Украина, пренесува Ројтерс.
Според него, Германија истовремено ќе ги зголеми испораките на ракети воздух-воздух, како и ќе продолжи да испраќа беспилотни летала и муниција со долг дострел во Украина.
Одлуката на Берлин доаѓа во време кога неколку европски земји разгледуваат голем план за купување американски ракети за системите „Патриот“ наменети за Украина.
Како што претходно објави „Блумберг“, неколку европски земји се во завршна фаза од договорот за купување нов пакет пресретнувачи за Киев. Набавката би се финансирала преку PURL, програмата на НАТО за приоритетни барања за Украина, а целта е ракетите да бидат испорачани пред почетокот на најтешките зимски месеци.
Доколку планот се спроведе, Украина би добила дополнителни засилувања за одбрана од руски воздушни напади токму во периодот кога се очекува зголемен притисок врз нејзината енергетска инфраструктура.
Според „Блумберг“, планот е директен одговор на барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој побара испорака на 300 ракети за системите „Патриот“.
Пакетот треба да се дискутира на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, со очекувано учество на претставници на САД. Според извори на кои се повикува „Блумберг“, Грција, Германија и Чешка се меѓу земјите кои би можеле да играат истакната улога во овој план.
Велика Британија веќе објави дека ќе издвои 100 милиони фунти за програмата PURL, но засега не е познато колку од тие пари би можеле да бидат насочени кон набавка на ракети „Патриот“.
Додека Берлин истовремено ги одвојува пресретнувачите од сопствените воени залихи, европските земји се обидуваат да обезбедат дополнителни ракети за украинскиот штит пред зимата преку заеднички купувања, според написите.
Текстот Писториус: Германија ќе ја снабди Украина со пресретнувачки ракети е превземен од МАКФАКС.















