СДСМ бара истрагата за возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, кој бил фатен со обележани евра во случај со наводно барање поткуп за вработување пожарникар, да се прошири и на улогата на Јанушев.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција праша каква била улогата на Јанушев во случајот.

„Овој скандал отвора едно клучно прашање: каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито? Дали возачот е само негова продолжена рака и посредник? Возач нема никаква моќ да вработува“, рече Кузеска.



Таа оцени дека случајот е дел од, како што рече, „системот на Мицкоски“, а власта ја обвини дека функционира како „организирана криминална група“.

Кузеска се осврна и на други случаи кои СДСМ ги поврзува со Јанушев, меѓу кои и претходниот случај со посебен советник за економски прашања во кабинетот на генералниот секретар, кој, според партијата, бил дел од група осомничена за лихварство и перење пари.

Од СДСМ повторно изнесоа и тврдења за поврзаност на Јанушев со компанијата „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО во Бугарија, како и за бугарско државјанство и капитал кои, според нив, не биле пријавени во анкетните листови до ДКСК.

Кузеска ги спомена и имотот вреден 325.000 евра за кој СДСМ претходно тврдеше дека му бил подарен на Јанушев, како и договорите на „Маратон груп“ во вредност од 1,5 милиони евра.

„СДСМ бара целосна истрага – не само за возачот, туку и за улогата на неговиот шеф, Јанушев. Истрагата мора да се прошири и за фирмата во Бугарија, за подарениот имот и за целата мрежа околу Владата на Мицкоски“, порача Кузеска.

Јанушев претходно целосно се огради од постапките на возачот, нагласувајќи дека таквото постапување нема никаква врска со него, неговата функција или работењето и порача дека за незаконските постапки мора да има нулта толеранција.

Текстот Кузеска: Не е доволна истрага само за возачот, да се испита и улогата на Јанушев е превземен од МАКФАКС.