Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, целосно се огради од постапките на неговиот возач, кој беше уапсен во случај поврзан со мито за посредување при вработување, и ги отфрли обвинувањата на СДСМ.

Јанушев оцени дека е „крајно несериозно и политички бедно“ тоа што опозициската партија, како што вели, се обидува од конкретниот случај да произведе политичка конструкција.

„Во однос на мене лично, сакам да бидам кристално јасен дека целосно се оградувам од постапувањето на приведеното лице. Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генерален секретар е само околу шест месеци“, рече Јанушев.

Тој додаде дека незаконското постапување на приведениот е исклучиво негова лична одговорност и дека за стореното треба да одговара пред надлежните институции.

Јанушев ја поздрави акцијата на институциите за спречување на корупцијата, како и постапката на граѓанинот кој го пријавил барањето за пари и соработувал со надлежните за случајот да биде откриен и процесуиран.

Според него, само со пријавување, постапување на институциите и неселективна одговорност може да се изгради општество во кое корупцијата нема да се премолчува и толерира.

„За вакви постапки мора да има нулта толеранција, без разлика кој е сторителот“, порача Јанушев.

Тој упати и порака дека со актуелната Влада и институциите „криминалот нема да биде исплатлив“.

„Нема да дозволам нечии незаконски постапки да го валкаат угледот на луѓето кои чесно, одговорно и деноноќно работат за резултати, ниту ќе дозволам со такви постапки да се фрла сенка врз работата што ја вложуваме секој ден“, рече Јанушев.

Во однос на реакциите на СДСМ, Јанушев тврди дека партијата се обидува да измисли „врска“, да ги извртува фактите и да создаде политичка приказна таму каде што, според него, не постои.

„Нивниот проблем е што не можат да прифатат дека денес институциите постапуваат. Не можат да прифатат дека никој не смее да биде заштитен ако го прекршил законот. И токму затоа денес се обидуваат да ја претстават како проблем акцијата која всушност покажува дека системот функционира“, рече Јанушев.

Тој заклучи дека корупцијата треба да се пријавува, институциите да постапуваат, а секој што ќе го прекрши законот да одговара без оглед на функцијата, партијата или близината со кој било функционер.

Текстот Јанушев се огради од уапсениот возач: Неговото постапување нема никаква врска со мене, претходно возел и други функционери е превземен од МАКФАКС.