Студија на повеќе од 31.000 луѓе покажа дека времето на првиот и последниот оброк може да биде поврзано со ризикот од прерана смрт. Истражувачите, сепак, предупредуваат дека резултатите не докажуваат директна причинско-последична врска.
Поголемиот дел од советите за појадок се фокусирани на тоа што да се стави на чинијата. Сепак, голема студија спроведена меѓу возрасни Американци покажува дека треба да обрнеме внимание и на времето: времето од денот кога ги консумираме првите и последните калории може да биде поврзано со должината на животот.
Резултатите покажуваат врска, но не докажуваат дека промената на времето на оброците може да влијае на очекуваното траење на животот. Сепак, тие даваат дополнителни докази дека здравјето може да зависи не само од тоа што јадеме, туку и од тоа кога јадеме, објавува Science alert.
Претходните истражувања го поврзаа прескокнувањето на појадокот и јадењето доцна навечер со полошо здравје, но ризиците поврзани со одредени времиња на оброци не беа доволно јасни.
Затоа истражувачите анализирале податоци од 31.044 возрасни лица над 40 години, собрани како дел од Националното истражување за здравје и исхрана на САД помеѓу 1999 и 2018 година.
Учесниците навеле сè што јаделе или пиеле во текот на претходните 24 часа, вклучувајќи го и времето кога го консумирале.
Во студијата, објавена во Европскиот журнал за клиничка исхрана, секоја храна или пијалок што содржи калории и се консумирала по четири часот наутро може да се смета за „прв оброк“, што значи дека не бил нужно класичен појадок.
Последниот внес на калории се сметал за последен оброк, додека периодот помеѓу првиот и последниот оброк бил дефиниран како временска рамка за консумирање храна.
Потоа истражувачите ги поврзале овие податоци со смртните случаи регистрирани до крајот на 2019 година.
Во текот на просечниот период на следење од 8,6 години, починале 7.129 учесници, од кои 2.259 биле од кардиоваскуларни заболувања.
Во анализата беа земени предвид фактори како што се возраста, пушењето, физичката активност, квалитетот на исхраната, индексот на телесна маса, внесот на енергија, приходот и постоечките болести.
Резултатите покажаа одреден модел – колку подоцна беше првиот оброк, толку е поголем ризикот.
Во споредба со луѓето кои го јаделе својот прв оброк помеѓу седум и осум часот наутро, оние кои го јаделе својот прв оброк помеѓу осум и 10 часот наутро имале 10 проценти поголем ризик од смрт од која било причина. Ризикот бил 19 проценти поголем кај оние кои го јаделе својот прв оброк помеѓу 10 часот наутро и 12 часот напладне, а 29 проценти поголем кај оние кои јаделе само по пладне.
Сличен модел е забележан кога станува збор за смртност од кардиоваскуларни заболувања.
Првиот оброк попладне бил поврзан со 46 проценти поголем ризик од смрт од кардиоваскуларни заболувања во споредба со првиот оброк помеѓу седум и осум часот наутро. Исто така, се проценува дека 50-годишниците од групата што јаделе подоцна имале просечен животен век од 2,46 години пократок.
Кога станува збор за последниот оброк во денот, резултатите беа донекаде изненадувачки.
Ризикот не се зголемувал само колку подоцна се јадел оброкот, туку имал врска во облик на буквата U. Во споредба со завршувањето на последниот оброк помеѓу 19 и 20 часот, последниот оброк пред 19 часот бил поврзан со 13 проценти поголем ризик од смрт од која било причина, додека јадењето по полноќ било поврзано со 27 проценти поголем ризик. Најнискиот проценет ризик бил забележан околу 20 часот.
„Сепак, ова не значи дека периодот помеѓу 19:00 и 20:00 часот е универзално оптимално време за вечера за сите“, изјави за ScienceAlert еден од авторите на студијата, Жилеи Шан од Универзитетот за наука и технологија Хуажонг.
Како што објаснил, јадењето многу доцна може да го наруши циркадијалниот ритам и метаболизмот. Од друга страна, многу раниот последен оброк може да биде последица на дневниот распоред, болест или помал внес на енергија.
Луѓето кои порано завршувале со јадење биле претежно постари, јаделе поретко и почесто имале постоечки здравствени проблеми, па затоа времето на оброкот може повеќе да влијае на нивната здравствена состојба отколку што ја предизвикува.
Должината на периодот во кој учесниците јаделе дополнително ги комплицирала резултатите.
Кога се земало предвид времето на првиот оброк, должината на тој период не покажала конзистентна поврзаност со смртноста во целиот примерок. Врската зависела од тоа кога лицето почнало да јаде.
Ова внесува дополнителни нијанси во дискусијата за многу кратки временски интервали за внесување храна. Само броењето на часовите поминати на постење можеби не ја дава целосната слика.
„Времето на оброкот е важен сигнал за периферните циркадијални ритми“, рече Шан, додавајќи дека „подоцнежниот прв оброк или јадењето доцна навечер може да придонесе за нарушување на циркадијалниот ритам и метаболички проблеми, вклучително и нарушен метаболизам на мастите и гликозата“.
Текстот Не е важно само што јадете: времето на првиот оброк е поврзано со должината на животот е превземен од МАКФАКС.
















