Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил упати критики до актуелниот градоначалник Бошко Цветковски и до локалната власт, тврдејќи дека дел од жителите на општината веќе една недела се соочуваат со проблеми во снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење.
Во објавата, Велковски реагира и на организирањето на манифестацијата „Овчеполска жетва 2026“, оценувајќи дека во услови кога граѓаните се соочуваат со недостиг од основните услови за живот, приоритетите на локалната власт треба да бидат насочени кон решавање на овие проблеми.
Тој ги повика граѓаните мирно и достоинствено да побараат одговори пред Општина Лозово, а воедно повика и на референдум за промена на локалната власт.
Велковски во објавата наведува:
„Не вреди да се коментира за личноста ама…..
Граѓаните на општина Лозово веќе една недела немаат струја, немааат вода за пиење… ама градоначалникот Бошко Цветковски си има други приоритети, си организира приватна забава како ништо да не се случува.
Додека граѓаните палат свеќи, носат вода во шишиња и се снаоѓаат како знаат и умеат, локалната власт се подготвува за приватна забава ,,Овчеполска жетва 2026″
Очигледно, според нив:
- Без струја? Не е проблем.
- Без вода? Не е проблем.
Ако си револтиран – дојди на концерт
-Најгласната музика не може да го заглуши незадоволството на луѓето кои со денови живеат без најосновните услови.
Затоа, наместо пред бината, сите пред Општина Лозово и мирно, достоинствено и гласно да се побараат одговорите.
Таму се носат одлуките. Таму треба да се слушне гласот на народот.
-милионски суми се трошат на приватни забави и концерти, а нема за чиста вода.
сите заедно на РЕФЕРЕНДУМ и промена на локалната власт, тоа е спасот и решението.“
Засега нема јавно соопштена реакција од градоначалникот Бошко Цветковски или од Општина Лозово во однос на наводите изнесени во објавата на Велковски.





















