Техничкиот проект за изградба на осумте километри од патот што недостигаат меѓу Струмјани и граничниот премин „Клепало“ се очекува да биде готов во рок од еден месец. Потоа треба да почнат активностите за изградба на преминот и целокупната пристапна инфраструктура. Ова во Благоевград го соопшти заменик-министерката за регионален развој и јавни работи на Бугарија, Десислава Георгиева, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Таа потсети дека во април биле одобрени еколошките постапки за граничниот премин, со што е дадено „зелено светло“ за изградба на граничните објекти, придружната инфраструктура и пристапниот пат III-1008 од Струмјани до границата. Носители на проектот се Обласната администрација во Благоевград и Агенцијата „Патна инфраструктура“.

За трасата е одобрена Варијантата 1, која предвидува пократко поминување, помал обем на градежни активности и ограничено влијание врз животната средина. Решението е усогласено со барањата за заштита на природата во заштитеното подрачје „Кресна–Илинденци“ од мрежата Натура 2000, во кое се наоѓа дел од проектот.

„Ова е стратешки проект важен за целиот пограничен регион. Во неговата реализација ќе бидат вложени 11 милиони евра од Програмата ИНТЕРРЕГ VI-A ИПА Бугарија–Северна Македонија 2021–2027, што претставува 30 проценти од нејзиниот вкупен буџет“, изјави Георгиева.

Според неа, новиот граничен премин ќе придонесе за зближување на заедниците од двете страни на границата, ќе создаде додадена вредност за бизнисот и ќе го поттикне развојот на туризмот.

„Убедени сме во корисноста на овој вид инвестиција. За нас е многу важно што се почитувани сите еколошки постапки и законски барања на Европската комисија“, рече заменик-министерката.

Георгиева додаде дека предвидениот распоред во моментов строго се почитува и дека сите институции се максимално мобилизирани. Се очекува граничниот премин да биде завршен до крајот на 2029 година. Истовремено се бараат дополнителни извори за финансирање на патната врска, бидејќи таа треба да се финансира од државниот буџет.

„Ако го задржиме темпото, ќе успееме да го испочитуваме наведениот рок“, нагласи Георгиева.

Граничниот премин „Струмјани–Берово“ треба да обезбеди врска меѓу меѓународните транспортни коридори 4 и 8. Проектот предвидува услужни објекти и во Бугарија и во Северна Македонија, наменети за преминување патнички и товарни возила со тежина до 3,5 тони. Преминот ќе работи 24 часа дневно, седум дена во неделата.

Идната локација зафаќа површина од 11 декари и се наоѓа на надморска височина од 1.300 метри, на стрмна падина, што ја прави изградбата предизвик за изведувачите.

Новиот граничен премин, кој ќе биде сместен на територијата на општините Струмјани и Берово, е стратешки проект во рамките на Приоритетот 2 „Поврзан прекуграничен регион“ од Програмата Интеррег VI-A ИПА Бугарија–Северна Македонија, со која управува бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи.

Водечки партнер е Обласната администрација во Благоевград, определена за корисник со одлука на Владата на Република Бугарија. Партнер од Северна Македонија е Царинската управа.

Според објавените податоци, програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија се спроведува со одлично темпо. Со договорите потпишани во текот на последниот месец веќе се договорени средства во висина од 108 проценти од буџетот на програмата, односно повеќе од 29 милиони евра.

Покрај граничниот премин, средствата се инвестираат во зелена инфраструктура во градовите и во поддршка на малите и средните претпријатија. Исплатени се повеќе од 22 проценти, односно над шест милиони евра, а за успешно управување се смета на мобилизацијата на сите корисници.