Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил ја критикуваше реакцијата на надлежните институции по информациите дека повеќе од 1.200 граѓани во Гостивар побарале болничка помош поради загадена вода за пиење.

Велковски обвини дека, додека граѓаните стравуваат за сопственото здравје и за здравјето на своите деца, претставници на власта присуствуваат и се забавуваат на „Пиво фест“, наместо да преземат итни мерки и да утврдат одговорност за случајот.

Во објавата Велковски наведува:

„Во Гостивар над 1.200 граѓани завршија во болница поради загадена вода за пиење. Луѓето пијат вода со страв, семејствата се грижат за своите деца, а институциите… молчат.
Во меѓувреме, наместо кризни штабови, одговорност и итни мерки – политичарите од власта наздравуваат на Пиво Фест.
Изгледа во оваа држава е поважно пивото да е ладно, отколку водата да е чиста.
Народот завршува на инфузија, а власта – на здравица.
Кај нас прво треба да организираме „Фестивал на чиста вода“, па дури потоа да славиме со пиво.
Граѓаните бараат чиста вода, одговорност и оставки од тие што дозволија ова да се случи.
Народот бара вода – власта крева кригли. Тоа е најтажната слика во Македонија денес.“

Со објавата, поранешниот градоначалник побара чиста и безбедна вода за граѓаните, како и политичка и институционална одговорност за последиците од загадувањето.