Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил реагираше на проблемите со откупот на земјоделските производи, посочувајќи дека сточарите се соочуваат со немање откуп на млекото, додека производителите од кочанскиот регион не можат да го пласираат оризот.

Во објавата со наслов „СУТЛИЈАШ БЕЗ ЦИМЕТ“, Велковски ја критикува незаинтересираноста на надлежните институции и политичарите за решавање на проблемите на земјоделците и сточарите.

„Во Македонија денес можеш да најдеш сѐ… освен откуп на земјоделските производи.

Нема откуп за млекото од сточарите.

Нема откуп ниту за оризот од кочанските полиња.

Кравите даваат млеко, нивите даваат ориз, ама политичарите даваат само прес-конференции, ветувања и фотографии со насмевки. Едни трчаат по млекото, други по оризот… ама решението никако да го стигнат.

Изгледа државната стратегија е едноставна:

„Снајди се, народе.“

Сточарот станува со изгрејсонце.

Земјоделецот работи на +40 степени.

А политичарот? Најмногу работи пред избори… и, се разбира, под клима-уред.

На крајот, наместо развој на земјоделството, добиваме “сутлијаш без цимет” – има ориз, има млеко, ама нема кој да го откупи. Само циметот остана да ни го фрлаат во очи додека ни објаснуваат колку „добро“ живееме.

Запомнете:

Кога ќе исчезне последната крава и ќе се запустат последните оризови полиња, нема да се јадат партиски соопштенија, ниту ќе се пие прес-конференција.

Ама проблемот со откупот навистина може да се реши со еден телефонски разговор, тогаш уште поголем проблем е што никој не го врти тој број. Народот има право да се праша дали нечие политичко калкулирање е поважно од трудот на оние што ја хранат државата.

Време е да ставиме крај на глупостите.

За сите нас се работи!“, напиша Велковски на својот Фејсбук-профил.