Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил се осврна на актуелните политички превирања, поделби и меѓусебни обвинувања, порачувајќи дека граѓаните се тие што на крајот го имаат последниот збор.
Во објавата, Велковски користи метафоричен јазик за состојбите на политичката сцена, оценувајќи дека додека „генералите“ се расправаат за старите битки, „војската“ веќе е на друго место.
„Продолжува кавгата на „генералите“ за тоа кој изгубил повеќе битки.
А војската?
Војската веќе одамна гледа во …………..
Кога бродот тоне, не се расправаш кој ќе биде капетан – туку бараш брод што плови.
Во меѓувреме, остана само едно нешто што расте побрзо од поделбите – бројот на прес-конференции и јавни настапи. Ако продолжи вака, ќе треба да се воведе и сменско обвинување.
Едните објаснуваат зошто другите се виновни.
Другите објаснуваат зошто едните се виновни.
Единствено нешто околу кое сите се согласуваат е дека… тие лично не се виновни.
Додека старите битки повторно се водат и кавга за тоа кој колку битки изгубил, граѓаните веќе одамна ја напуштија таа војна и бараат нова енергија, нови идеи и поинаков правец.
Жал ми е што пред мои очи се случува ова, но тоа не значи дека ќе бидам имун на сето тоа.
Времето покажува кој ја разбира пораката на граѓаните, а кој останува заробен во старите приказни.
На крајот ќе останат многу фракции, многу соопштенија и многу објаснувања…
А војската? Таа веќе одамна е на друго место, спремна и желна за победа.
Но граѓаните секогаш го имаат последниот збор.
Политиката е сурова игра – не победува оној што најгласно се расправа, туку оној што ќе успее да ја заслужи довербата.“
















