Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил се осврна на актуелните политички случувања и упати критички пораки кон поранешни функционери кои, како што наведува, денес се претставуваат како реформатори.
Во објавата, Велковски напиша:
ВИТЕЗИТЕ НА ТРКАЛЕЗНАТА МАСА
Генерали без војска. Архитекти на поразите, денес се претставуваат како реформатори.
Вчера седнаа на тркалезна маса да разговараат за иднината на СДСМ.
Интересно…
Никој не зборуваше за минатото.
За изборните дебакли.
За одговорноста.
За годините кога молчеа.
За сите компромиси направени за да се зачуваат фотелјите.
Истите поранешни министри, пратеници и функционери што со години ја водеа партијата од пораз до пораз, денес држат лекции за реформи.
Тоа е како пожарникар да држи предавање за превенција, додека зад него сè уште гори куќата.
И останува едно прашање…
Колку пати низ годините одеа на „баци рака“ за функции и позиции?
И уште поважно…
Дали ќе имаат смелост повторно да одат на „баци рака“ ако тоа е цената за уште една фотелја?
Реформи без самокритика не се реформи.
Тие се само уште една реприза.
На СДСМ не му требаат генерали без војска.
Му требаат луѓе што знаат како се добива доверба, а не како се губи.
„Најлесно е да глумиш спасител на пожар што самиот си го запалил.“















