Македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски почина вечерва на 66-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники, објавија повеќе македонски медиуми.

Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.

Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, а во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Покрај пеењето, свирел клавир, гитара и тапани.

Во 1998 година Владо Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде што во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.

Зад себе остави шест студиски албуми: „Парче душа“ (1993), „Сѐ најдобро“ (1996), „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сѐ“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006).