Поранешниот градоначалник на Општина Лозово од редовите на СДСМ, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил излезе со предлог за формирање млада влада со едногодишен мандат, оценувајќи дека таков чекор би претставувал историски исчекор за државата.
„Не прашувајте дали младите се подготвени да ја водат Македонија. Прашајте се колку долго Македонија може без нив“, напиша Велковски.
Според него, младите не се иднината, туку сегашноста на Македонија и заслужуваат можност да преземат одговорност за водењето на државата.
„Образовани, амбициозни, способни и подготвени да преземат одговорност. Наместо да ги испраќаме во туѓи држави да градат туѓи економии, да им дадеме можност тука да ја градат својата татковина“, истакнува тој.
Во својата објава Велковски нагласува дека доколку младите можат успешно да управуваат со најголемите светски компании, да создаваат иновации и да го менуваат светот, тогаш можат и да ја водат Македонија кон подобра иднина.
Тој оценува дека формирањето млада влада би испратило силна порака не само до домашната јавност, туку и надвор од границите на државата.
„Македонија нема време за губење. Време е младите да добијат шанса, а државата нов почеток. Најголемиот ризик не е да им се даде шанса на младите. Најголемиот ризик е да продолжиме без нив“, порачува Велковски, завршувајќи ја објавата со хаштагот #СТОПЗАИСЕЛУВАЊЕ.

















