Украина во текот на ноќта изврши серија напади со беспилотни летала врз цели на Крим и други територии под руска окупација, а активност на дронови била регистрирана и во околината на Москва.

Според проруски и проукраински канали на социјалните мрежи, цел на нападите била термоелектраната „Тавриска“ на Крим, по што дејствувала руската противвоздушна одбрана. Експлозии биле пријавени и во окупираните делови на Доњецката и Запорошката област, додека во Бердјанск избувнал голем пожар.

Руската противвоздушна одбрана интервенирала и во близина на московска нафтена рафинерија, а жители пријавиле пресретнување дронови и на други локации во Московската област.

Засега нема официјална потврда дали украинските дронови успешно ги погодиле своите цели.

Нападите се дел од пошироката украинска кампања насочена кон руската нафтена и енергетска инфраструктура, која веќе предизвика проблеми во снабдувањето со гориво во делови од Русија и на окупираните територии. На Крим, поради засилените напади, бензинските пумпи добиле насока да ја ограничат продажбата на гориво за цивилите.

Текстот Украина изврши масовен напад со дронови врз Крим и околината на Москва е превземен од МАКФАКС.