Европа е погодена од силен и долготраен топлотен бран кој зафаќа голем дел од западниот, јужниот и централниот дел од континентот. Метеоролошките служби предупредуваат на екстремно високи температури, зголемен ризик по здравјето на населението, пожари и нарушувања во секојдневното функционирање во повеќе држави.
Франција под тревога поради екстремни горештини
Во Франција, националната метеоролошка служба Метео-Франс издаде портокалово предупредување за екстремни горештини за 60 департмани, што опфаќа речиси две третини од земјата. Со тоа се погодени околу 36 милиони луѓе. Во голем дел од Франција се очекуваат температури меѓу 35 и 38 степени Целзиусови, но локално тие може да достигнат и 40 степени, додека ноќните температури во повеќе региони остануваат над 20 степени, што создава услови за таканаречени тропски ноќи. Француските власти предупредуваат дека ситуацијата може дополнително да се влоши и дел од регионите да преминат на највисоко, црвено ниво на тревога. Поради сериозноста на состојбата, владата во Париз свика меѓуресорски кризен состанок на кој учествуваат повеќе министри со цел координација на мерките. Претседателот Емануел Макрон упати апел за внимателност и почитување на препораките, додека министерот за внатрешни работи Лоран Нунез предупреди дека температурите во одредени делови може да достигнат и до 40 степени, а ноќите да останат невообичаено топли. Француските служби за итни случаи исто така известуваат за смртен случај поврзан со топлотниот бран.
Метеоролозите во Франција предупредуваат дека овој топлотен бран по интензитет и траење може да биде споредлив со оние од 2003 и 2019 година, кои беа меѓу најтешките во поновата историја. Дополнително, на северот на земјата се очекува и појава на локални силни грмежи, што дополнително го комплицира временскиот развој.
Велика Британија на прагот да го собори рекордот од 1957 година
И Велика Британија е погодена од високите температури, при што метеоролошката служба издаде жолто предупредување за делови од југоисточна Англија и Јужен Велс. Во некои области температурата веќе се приближува до 30 степени, а се очекува дополнително зголемување до 34 степени на почетокот на следната недела. Постои и значајна можност, околу 40 проценти, да биде соборен националниот рекорд за јуни од 35,6 степени, поставен во 1957 година и повторен во 1976 година. Во повеќе градови, меѓу кои Манчестер, Њукасл, Глазгов и Белфаст, се очекуваат високи температури за британски услови, а дополнителен ризик претставува зголемената влажност и појавата на тропски ноќи, кога температурата не паѓа под 20 степени. Британските здравствени служби апелираат на посебна внимателност, особено кај постарите лица и хронично болните.
Пиринејскиот Полуостров под екстремни температури и пожари
На Пиринејскиот Полуостров, Шпанија и Португалија се соочуваат со уште поекстремни температури. Во Шпанија се регистрирани до 42 степени, додека во Португалија температурите достигнуваат околу 40 степени. Метеоролозите предупредуваат дека овие вредности може да се задржат или повторно да се зголемат во текот на викендот. Ситуацијата веќе има и конкретни последици, меѓу кои прекин на железничкиот сообраќај меѓу Мадрид и Барселона поради шумски пожар во Каталонија. Се предупредува дека екстремните временски услови стануваат сè почести како последица на климатските промени.
RED ALERT: Spain issues first ‘danger to life’ heat warnings of summer 2026 https://t.co/JCVNRcEbLg @thespanisheye pic.twitter.com/WMrVIk1xUP
— The Spanish Eye (@thespanisheye) June 20, 2026
Швајцарија со тропски ноќи и зголемен ризик од пожари
Топлотниот бран се чувствува и во Швајцарија, каде што се забележани таканаречени тропски ноќи, со температури кои не паѓаат под 23 до 24 степени во повеќе градови. Во текот на денот се очекуваат температури над 30 степени, а локално и до 35 степени, при што властите предупредуваат на зголемен ризик од шумски пожари поради сушата и високите температури.
Пожари во Грција
Во Грција, во регионот Родопи избувна шумски пожар, за чие гаснење се ангажирани голем број пожарникари и воздушна поддршка, а силните ветрови дополнително ја отежнуваат ситуацијата.
Холандија: Силни бури однесоа човечки живот
Додека југот на Европа буквално гори, северните делови се соочуваат со силни невремиња. Во Холандија, силната бура проследена со град и оркански ветришта предизвика голема материјална штета и однесе една жртва.
Во местото Хунтје, големо дрво падна врз автомобил во движење, при што на лице место загина 25-годишна жена. Поради оштетени покриви, поплави и пожари предизвикани од удари на громови, службите за итна помош беа целосно блокирани од повици, а во регионот Флеволанд беше издаден апел до граѓаните да не излегуваат од своите домови.
Bijzonder #onweer #storm #steenwijk #Overijssel #nederland #netherlands #regen pic.twitter.com/0FYxH3gR0s
— Let’s make some memories
(@Chantie__) June 19, 2026
Климатските промени како долгорочен фактор
Метеоролозите и климатските експерти предупредуваат дека ваквите екстремни појави стануваат сè почести и поинтензивни како последица на глобалното затоплување предизвикано од човековата активност. Според прогнозите, почетокот на следната недела би можел да донесе уште повисоки температури и дополнително влошување на состојбата на европскиот континент.
Текстот (Видео) Топлотен бран ја парализира Европа: екстремни температури, пожари и предупредувања за милиони луѓе е превземен од МАКФАКС.












