Американскиот претседател Доналд Трамп ги изненади сите присутни — од неговиот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон, па сè до сопствените советници — кога во средата, непосредно пред вечерата во палатата Версај, неочекувано побара договорот со Иран да се потпише „тука и сега“, пренесува Си-Ен-Ен.

Иако официјалната церемонија за потпишување беше закажана за два дена подоцна во ексклузивно планинско одморалиште над езерото Луцерн во Швајцарија, каде главниот американски преговарач, потпретседателот Џеј Ди Венс, требаше да го стави својот потпис на меморандумот за разбирање, Трамп бил дециден. Документот, според информациите до кои дојде Си-Ен-Ен, бил финализиран непосредно пред пристигнувањето на делегацијата во палатата, по што претседателот инсистирал тој да стапи на сила веднаш таа вечер.

Според официјални лица запознаени со настаните, Макрон брзо реагирал и потврдил дека може да се организира импровизирано потпишување. Додека двајцата претседатели шетале низ прочуената Сала на огледалата, државниот секретар на САД, Марко Рубио, заедно со францускиот министер за надворешни работи, брзале да најдат печатач за да го извлечат меморандумот на хартија.

Импровизирано потпишување

Нешто по 23 часот, во Долната галерија на Версај,Трамп со маркер се потпиша на документот.

„Ова не беше лесно, можам да ви кажам“, им се обратил Трамп на присутните, меѓу кои биле и моќници од Волстрит и претседателот на најголемиот француски конгломерат за луксузни стоки. „Браво“, додал Макрон, додека еден од присутните го фотографирал документот за веднаш да ја испрати сликата до иранската страна.

Како што пренесува Си-Ен-Ен, планираниот настан во Луцерн во петокот никогаш не се одржал. Венс го одложил патувањето откако иранската делегација се повлекла од средбата поради ненадејна ескалација на насилството меѓу Израел и Хезболах во Либан. Иако страните се согласиле на нов прекин на огнот во петокот наутро, иранскиот договор, само неколку дена по потпишувањето, изгледа покревок од кога било.

Жестоки критики во Вашингтон и страв од економска пропаст

Меморандумот за разбирање од 14 точки, чија цел е да се издејствуваат обврски од Иран за кратење на нивната нуклеарна програма, веднаш наиде на деструктивни критики во САД. Дури и дел од поддржувачите на Трамп го сметаат договорот за капитулација што му нуди на Техеран огромни отстапки, а бара премалку за возврат.

Роџер Викер, претседател на Комитетот за вооружени сили во Сенатот, остро реагираше изјавувајќи дека фондот за реконструкција вреден 300 милијарди долари, вклучен во шестата точка од меморандумот, прави исплатите од ерата на Обама да „изгледаат како ситница“.

Трамп возврати дефанзивно на социјалните мрежи, тврдејќи дека токму американската воена моќ го донела Иран на преговарачка маса.

„Не се сретнавме од очај, Иран го направи тоа. Тие се готови!“, напиша претседателот. „Ќе ги одиграме овие 60 дена. Тие не добиваат пари, ни десет центи!“

Сепак, извори за Си-Ен-Ен откриваат дека зад ваквиот брз потпис стојат сериозни економски притисоци. Со намалувањето на глобалните резерви на нафта и стравот кај Републиканците од претстојните конгресни избори, самиот Трамп признал пред новинарите во Евијан-ле-Бен дека се плашел од економски колапс и споредби со претседателот Херберт Хувер, кој владееше за време на Големата депресија.

Тајни преговори и внатрешен песимизам во Белата куќа

Патот до Версај бил проследен со комплетен хаос, честопати поттикнат од непредвидливоста на самиот Трамп. Текстот на договорот со денови се чувал во строга тајност, а Венс за медиумите појасни дека пакистанските посредници пренеле оти Иранците барале дискреција поради внатрешно-политички причини. Покрај официјалниот текст, американските функционери се потпираат и на т.н. „џентлменски договори“ договорени преку тајни канали.

Внатре во Белата куќа, политичкиот тим на Трамп, вклучувајќи ги министерот за финансии Скот Бесент и секретарот за енергетика Крис Рајт, со месеци притискал за излез од војната поради штетите врз економијата. Како што дознава Си-Ен-Ен, и покрај тоа што директорот на ЦИА Џон Ратклиф и министерот за одбрана Пит Хегсет биле крајно песимистични околу тоа дали Иран ќе го испочитува ветеното околу нуклеарното оружје, крајниот консензус го наметнал самиот Трамп со пораката: „Сакаме да завршиме со ова“.

Дипломатски трилер: Тензии со Нетанјаху и роденденско вето од Техеран

Преговорите со Иран биле исклучително бавни, дополнително условени од фактот што врховниот лидер Моџтаба Хамнеи комуницира исклучиво преку курири за да ја скрие својата локација. Ситуацијата ескалирала на 8-ми јуни кога американски хеликоптер се судри со ирански дрон, по што Трамп наредил денови на жестоки бомбардирања, пред катарските посредници да успеат да ги приближат ставовите.

Последната и најголема пречка се случила минатиот викенд, точно на 80-тиот роденден на Трамп, кога Израел извршил смртоносен воздушен напад врз предградие на Бејрут како одговор на Хезболах. Трамп го протолкувал потегот на Бенјамин Нетанјаху како директен обид за саботажа на неговиот договор. Извори за Си-Ен-Ен потврдуваат дека американскиот претседател имал телефонски разговор полн со пцовки и викање со израелскиот премиер.

Додека Иран подготвувал балистички ракети за одмазда кон Израел, катарските преговарачи воделе маратонски 17-часовни разговори во Техеран за да го спасат договорот. Иранците на крајот отстапиле, но цврсто останале на едно барање: договорот да не биде официјално објавен на роденденот на Трамп. Посредниците нашле соломонско решение — договорот беше објавен веднаш по полноќ по иранско време, со што беше задоволен Техеран, додека во Вашингтон Трамп сè уште го прославуваше роденденот на Јужниот тревник.

Текстот Хаотичен пат кон мирот: како Трамп инсистираше на итно потпишување на договорот со Иран среде ноќ во Версај е превземен од МАКФАКС.