Куба вчера претстави сеопфатен план за економски реформи што предвидува либерализација на делови од економијата, вклучувајќи ја и можноста за основање повеќе компании, отворање на приватното банкарство и проширување на странските инвестиции во приватниот сектор.
Премиерот Мануел Мареро им претстави на пратениците во парламентот пакет од 176 мерки, велејќи дека реформите не значат напуштање на социјалистичкиот модел, туку, како што нагласи, се предуслов за негово зачувување.
Клучните промени вклучуваат дозволување на Кубанците да поседуваат повеќе компании, отворање простор за странски инвестиции во приватниот сектор и воспоставување систем на приватно банкарство. Планирани се и промени во земјоделството и туризмот и реорганизација на државната администрација.
Американците го зголемуваат економскиот притисок
Во туризмот, кој е особено силно погоден од санкциите на САД, постојат планови за проширување на обемот на инвестиции и деловни активности, вклучувајќи ги и претходно ограничените области како што се стариот центар на градот Хавана и архипелагот Лос Кајос.
На приватниот сектор ќе му биде дозволено да купува и продава недвижен имот, додека на кубанските и странските инвеститори ќе им биде дозволено да стекнуваат акции во државни компании, иако сè уште не е прецизирано за кои компании ова ќе се однесува.
Соединетите Американски Држави го зголемија економскиот притисок врз Куба во последните месеци со серија санкции, насочени кон поттикнување на политичките и економските реформи. Сè уште не е познато до кој степен предложените мерки би биле во согласност со барањата на Вашингтон. Односите меѓу Вашингтон и Хавана се напнати уште од револуцијата во 1959 година предводена од Фидел Кастро.
Текстот Куба, соочена со тешкотии, почнува да ја отвора својата економија е превземен од МАКФАКС.












