Раководителката на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија беше повикана денеска (16 јуни) во бугарското МНР во врска со извршеното на 15 јуни 2026 година палење на два бугарски дипломатски автомобили, кои се наоѓале пред официјалниот влез на бугарската амбасада во Скопје, јавува МНР на Бугарија.
Заменик-министерот за надворешни работи Христо Полендаков нагласи дека Бугарија најостро го осудува овој демонстративен акт на агресија, без преседан во билатералните односи , кој ги става под ризик здравјето и животот на вработените во бугарската амбасада, како и на жителите на главниот град на Северна Македонија кои се наоѓале во близина за време на нападот. Бугарија ги зема предвид изјавите на официјалните институции во соседната држава и брзите дејствија на надлежните власти, кои довеле до приведување на сторителот. Истовремено, очекува спроведување ефикасна истрага и правна разврска на случајот, што на категоричен начин ќе покаже дека ваквите дела се недопустливи.
Заменик-министерот Полендаков истакна и дека примената на принципите на владеење на правото и преземањето ефикасни дејствија за превенција и спротивставување на злосторствата од омраза се клучни доколку една земја сака да ја заштити својата европска иднина.
Секакви обиди за сеење страв кај Бугарите во Република Северна Македонија се недопустливи и бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите воспоставени механизми за да им се спротивстави, стои во соопштението на бугарското МНР.

















