Американскиот претседател, Доналд Трамп, пристигна на Самитот на Г7 во француското одморалиште Évian-les-Bains, каде што светските лидери ќе разговараат за војната во Украина, економските прашања и неодамнешниот договор меѓу САД и Иран.

Трамп при пристигнувањето не беше лично пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон, како што првично било планирано, туку од шефот на претседателскиот протокол. Сепак, двајцата лидери треба да одржат билатерална средба за време на самитот.

Непосредно пред патувањето во Франција, Трамп повторно се закани со воведување царини од 100 проценти за француското вино доколку Париз не го укине данокот за големите американски технолошки компании.

Макрон, пак, порача дека Франција нема да попушти пред таквите закани и оцени дека царините не им користат на земјите од Г7.

На самитот се очекува да биде разгледан и рамковниот договор меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот и повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Според најавите, меморандумот за разбирање треба да биде потпишан во петок во Швајцарија, додека за повеќе чувствителни прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, ќе следуваат дополнителни технички преговори.

Трамп за време на самитот треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека западните сојузници продолжуваат да разговараат за понатамошната поддршка за Украина.

Текстот Трамп пристигна на Самитот во Франција, Макрон не го пречека лично е превземен од МАКФАКС.