Владата најостро го осуди вандалскиот и недозволив чин на опожарување на возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Според Владата, ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава. Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите.

Од Владата испратија јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран.

Државата, како што посочуваат од Владата, има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите, при што нема да дозволи поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија.

Владата очекува брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите.

Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата, како и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи.