21-годишен жител на Батинци е лишен од слобода синоќа, откако со возило марка „бмв“ се движел со брзина од 244 километри на час, што е двојно повеќе од дозволеното.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, случајот е регистриран на 13 јуни во 20:00 часот на автопатот Скопје – Гевгелија, кај гевгелиското село Милетково, од страна на полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија.
„При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека И.Р. (21) од село Батинци, општина Студеничани, управувал патничко возило ‘бмв’ со скопски регистарски ознаки со брзина од 244 километри на час на место каде со сообраќаен знак брзината на движење е ограничена на 120 километри на час“, се наведува во соопштението.
За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки возилото е привремено одземено.
По целосно документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“, велат од МВР.
















