На прес-конференција на СДСМ, Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на партијата, порача дека македонската економија се распаѓа, граѓаните живеат сè полошо и имаат помалку пари. Таа обвини дека буџетот е испразнет уште на средина од годината, дека Владата на Мицкоски создала нов долг од 2,5 милијарди евра, а средства нема за граѓаните, за минимална плата од 600 евра и за земјоделците.

„Вистината е дека македонската економија се распаѓа – граѓаните живеат се полошо и имаат помалку пари.

На средина од годината нема пари во буџетот, веќе е испразнет. Дури и планираниот годишен дефицит е веќе пробиен за над 18 милиони евра.

Владата на Мицкоски создаде нов долг од 2,5 милијарди евра а пари нема. Нема за граѓаните, нема за 600 евра минимална плата, нема за земјоделците. Само за криминални тендери има пари. Сега снемува пари и за тендери штом му се брза со избори.

СДСМ во Платформата „Твоја држава, твоја шанса“ нуди нов економски пристап, економијата да работи за луѓето, а не само за малкумина привилегирани.

Правично е државната поддршка да ја добиваат компании што носат резултати и придонесуваат во економијата, а не фирми што се блиски до власта и напредуваат по партиска линија.

Затоа предвидуваме строга ревизија на секои 18 месеци, на секоја мерка.

Ако компанијата не испорачува резултати, ако нема ефект врз продуктивноста, средствата ќе се пренасочуваат кај поуспешни корисници.

Предвидуваме долгорочна поддршка и следење на компаниите што се извозно ориентирани и имаат потенцијал за раст, преку Развојната банка на Македонија.

Економијата мора да се развива во сите региони. Затоа ќе развиваме индустриски кластери според локалните потенцијали.

Финансиската поддршка за компаниите ќе биде условена со обука на работниците, воведување стандарди и пристап до нови пазари.

Праведно е пари да се даваат за успех, а не за преживување.

Економијата не е бројка на хартија, тоа е платата што работникот ја носи дома, пензијата на пензионерот, цената на храната и сметките – достоинството на секое семејство.

Затоа, во нашата платформа, за работниците создаваме шанса за повисоки плати и достоинствен живот.

Минималната плата автоматски ќе се усогласува со трошоците за живот, инфлацијата и просечната плата. Ако растат цените, мора да растат и платите.

Ако профитот на компанијата расте, ќе мора да расте и платата на работникот.

Така е правично.

Твоја држава, твоја шанса!“