Британските вооружени сили во раните утрински часови во неделата пресретнаа руски нафтен танкер од таканаречената „флота во сенка“ во Ла Манш, соопшти британскиот премиер Кир Стармер.
Во шестчасовна операција, припадници на Кралските маринци и специјално обучени службеници од Националната агенција за борба против криминалот се качиле на танкерот „Смиртос“, со поддршка од британските воздухопловни сили.
Според британското Министерство за одбрана, бродот ќе остане под надзор во близина на јужниот брег на Англија додека продолжуваат истрагите.
„Оваа успешна операција претставува уште еден удар за Русија и потсетник за оние кои ја финансираат војната на Владимир Путин во Украина дека нема да им дозволиме да се кријат“, изјави Стармер.
Удар врз финансирањето на војната
Британскиот министер за одбрана Ден Џарвис оцени дека акцијата е насочена кон еден од клучните механизми преку кои Москва обезбедува приходи за продолжување на војната.
„Русија се потпира на својата флота во сенка за финансирање на конфликтот во Украина и оваа интервенција претставува удар врз незаконската војна на Путин“, изјави Џарвис.
Во операцијата биле вклучени воздухоплови од Поморската воздухопловна група, извидувачки авион П-8 на британското воено воздухопловство, како и воените бродови „ХМС Сатерленд“ и „ХМС Ледбери“.
Повеќе од 700 бродови во „флотата во сенка“
Според британското Министерство за одбрана, Русија користи мрежа од танкери со нејасна сопственичка структура за да ги заобиколи меѓународните санкции воведени врз нејзиниот извоз на нафта.
Британските власти тврдат дека таканаречената „флота во сенка“, која брои повеќе од 700 пловила, транспортира околу 75 проценти од руската нафта опфатена со санкции и претставува важен извор на приходи за Кремљ.
Обединетото Кралство досега воведе санкции против повеќе од 500 бродови поврзани со оваа мрежа.
Пресретнувањето на „Смиртос“ е една од најзначајните британски акции против руската „флота во сенка“ и доаѓа во време кога западните сојузници ги засилуваат напорите за ограничување на приходите што Москва ги користи за финансирање на воените операции во Украина.
Текстот Британските вооружени сили првпат пресретнаа руски танкер од „флотата во сенка“ во Ла Манш е превземен од МАКФАКС.












