Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во работна посета на Истанбул, Република Турција, каде учествува на Бизнис форум посветен на бизнис соработката меѓу двете држави.

Во своето обраќање, како што објави на социјалните мрежи, истакнал дека Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи, вели Мицкоски претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции.

„Посочив дека Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари. Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари.
Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава која има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој“, вели Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава која има јасна визија за иднината е превземен од МАКФАКС.