Бугарскиот амбасадор во Косово, Христо Краевски, му врачи почесна грамота на ректорот на Универзитетот во Приштина, проф. Арбен Хајрулаху, како признание од бугарското Министерство за образование и наука за придонесот во отворањето на лекторат по бугарски јазик и промоцијата на бугарскиот јазик и култура во Косово, јавува БТА, пренесува Трибуна.

Лекторатот по бугарски јазик на Универзитетот „Хасан Приштина“ беше официјално отворен во октомври 2025 година и успешно функционира веќе втор семестар. Во моментов, седум студенти изучуваат бугарски јазик.

На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу Универзитетот во Приштина и бугарските високообразовни институции, со посебен акцент на зајакнувањето на врските меѓу младите научници од двете земји.

Амбасадорот Краевски ја претстави и програмата „Денови на бугарскиот јазик, култура и наука во Косово 2026“, во рамки на која во септември во Приштина ќе бидат организирани изложба за достигнувањата на бугарската наука на Антарктикот и предавање на проф. д-р Христо Пимпирев.

Краевски и Хајрулаху се согласија дека јазиците и универзитетите имаат клучна улога во поврзувањето, поттикнувањето на меѓусебното разбирање и зближувањето меѓу луѓето. Универзитетот во Приштина веќе соработува со бугарски универзитети преку програмите „Еразмус+“ и „Хоризонт“.