Во Софија се одржува официјалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), чиј домаќин е бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
На форумот учествуваат претставници на 13 држави од регионот, меѓу кои и Северна Македонија. Петрова истакна дека во услови на брзи меѓународни промени, соработката останува најефикасна алатка за обезбедување стабилност, безбедност и просперитет. Таа нагласи дека ПСЈИЕ продолжува да биде важна платформа за градење доверба и поттикнување добрососедски односи во Југоисточна Европа.
Во врска со воената помош за Украина, Петрова изјави дека секоја идна одлука за хуманитарна или воено-техничка поддршка ќе се носи согласно утврдената процедура, со одлука на бугарската Влада и по расправа во Народното собрание. Таа додаде дека обемот на поддршката ќе зависи од можностите на Бугарија.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е основан во Софија во јули 1996 година со усвојувањето на Софиската декларација за добрососедство, стабилност, безбедност и соработка на Балканот.





















