Косовската полиција за време на изборниот ден привела две лица во селото Гораждевец поради сомневање за влијание врз гласачи, јавија српските медиуми.

Радио Гораждевец објави дека станува збор за Р. З. и М. Д., а по налог на надлежните органи бил извршен претрес на нивните семејни куќи за прибирање докази.

Истражните органи испитуваат сомневања дека приведените вршеле недозволено влијание врз гласачи.

Социјалистичката партија на Србија (СПС) преку соопштение најостро го осуди „денешното апсење во Гораждевец“ на угледниот домаќин и официјален претставник на тоа српско село – М. Д.

Во соопштението стои дека заедно со него бил приведен и Р. З., кој е еден од значајните српски претставници во овој крај.

СПС оцени дека тоа претставува „најгрубо кршење на човековите права од страна на (премиерот на Косово Албин) Курти“, и дека уште еднаш се покажува дека Србите немаат ни најосновни права.

„Особено загрижува што денес се одржуваат избори и дека ова е очигледен обид за заплашување на приврзаниците на Српска листа (која има поддршка од официјален Белград)“, стои во соопштението.

СПС, коалициски партнер во владата во Белград, побара од меѓународните сили „итно да реагираат и да ги применуваат одредбите од Резолуцијата на СБ на ОН 1244“.

Фото: ЕПА

Текстот Уапсени двајца Срби на изборниот ден во Косово поради сомнеж дека влијаеле врз гласачи е превземен од МАКФАКС.