Позицијата на Бугарија е многу јасна. Проширувањето треба да се случува врз принципот на сопствените достигнувања. Тоа значи длабоки реформи во сферата на правосудството, владеењето на правото, човековите права и изградбата на добрососедски односи. Ова пред БНТ го изјави бугарскиот премиер Румен Радев, кој се наоѓа во Тиват, каде што учествува во Самитот ЕУ-Западен Балкан, пренесува Трибуна.
„Нашата позиција е дека не треба да внесуваме наследени политички и историски проблеми внатре во европското семејство. Верувајте дека ќе продолжиме да стоиме зад ова позиција. Ги поздравуваме нашите домаќини од Црна Гора за напредокот и високо ги цениме напорите на Албанија, за напредок кон членството“, изјави Радев.
Тој ги повика останатите земји од Западен Балкан да земат пример од овие две земји, доколку сакаат да достигнат до сличен резултат.
„Денешната средба е важна. Знаете дека Бугарија секогаш била основен мотор на процесот на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан. Бидејќи ние веруваме дека тоа е инвестиција во нашата безбедност и придонесува за проширување на заедничкото европско пространство за стабилност и просперитет“, изјави Радев.
Бугарскиот премиер уште еднаш ја подвлече важноста на принципот за сопствените достигнувања.
„Не можеме да си дозволиме да ги компромитираме копенхашките критериуми за членство, заради сложената геополитичка состојба. Бидејќи ако сега вештачки, со брзање ги „изгаснеме“ тие проблеми. Тие ќе се појават после години во европското семејство. Ние не сакаме тоа да се случи и нема да го дозволиме “, дециден е бугарскиот премиер Радев.





















