Белоруската тенисерка Арина Сабаленка привлече големо внимание на почетокот на Ролан Гарос, и тоа не само со победата против Шпанката Џесика Бузас Манеиро.

Покрај убедливата игра, втората тенисерка во светот на теренот Филип-Шатрие се истакна и со скап дизајнерски накит, чија вредност се проценува на околу 88.000 евра, пишува The Sun.

Во натпреварот од првото коло, кој го доби со резултат 6:4, 6:2, Сабаленка носеше две ѓердани од дијаманти и гранат и соодветни обетки. Накитот е од њујоршкиот дизајнер Материал Гуд и е направен од 15,6 карати дијаманти и 136,5 карати гранати.

Двата ѓердани се проценуваат на вредност од околу 76.300 евра, додека обетките од бело злато чинат повеќе од 10.400 евра. Интересно е што вкупната вредност на накитот што го носеше на теренот е 1.160 евра повеќе од износот што нејзината противничка го заработи со елиминирањето во првото коло.

Минатогодишната финалистка на Ролан Гарос имаше и трет ѓердан, вреден 39.300 евра, но одлучи да го остави на сигурно за време на натпреварот. Дизајнерката објасни дека колекцијата е силно инспирирана од препознатливата црвена глина на турнирот во Париз.

„Да кажам дека сум опседната би било потценување. Едвај чекам да ги носам овие убавици на теренот“, рече таа пред нејзиниот настап.

Покрај накитот, 28-годишната Белорусинка се истакна и со црвено-црн комплет Најк. Слично беше и на Отвореното првенство на Австралија во јануари, каде што носеше и екстравагантен накит, а планира да го носи и на Вимблдон и на Ју Ес Опен.

Нејзината склоност кон скапи модни додатоци доаѓа во време кога гласно се залага за поголем награден фонд на Гренд слем турнирите. Сабаленка е една од лидерките на иницијативата што бара вкупниот награден фонд на Френч Опен да се зголеми за 28,9 милиони евра.

Кога новинарите ја прашаа дали тежината на нејзиниот накит ја мачи за време на играта, Сабаленка одговори со насмевка.

„Што се однесува до дијамантите, не ја чувствувам нивната тежина, но можам да замислам како изгледа однадвор. Требаше да има трета огрлица, но мислев дека ќе биде премногу, па се одлучив за две“, рече таа.

Додаде дека добриот изглед ѝ е важен бидејќи, како што вели, тогаш се чувствува подобро и игра подобро.

Таа исто така нагласи дека не се чувствува загрозена од скапиот накит. „Имам вереник, тој е мое обезбедување. Имам свој тим, мојот физиотерапевт тренира џиу-џицу, па се чувствувам прилично безбедно. Кога одам некаде, никогаш не одам сама“, заклучи Сабаленка.

Текстот (Фото) Арина Сабаленка носеше накит вреден 88.000 евра на теренот е превземен од МАКФАКС.