Поранешниот претседател Стево Пендаровски не ја исклучува можноста повторно активно да се вклучи во политичкиот живот, но вели дека тоа би го направил само доколку се создаде сериозна и широка опозициска коалиција која би имала реални шанси да ја преземе власта.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Пендаровски порача дека сегашната опозиција не може да ја победи владејачката ВМРО-ДПМНЕ доколку настапува разединето, објави 4news.mk

„Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини“, изјави Пендаровски.

Тој оцени дека главната причина поради која владејачката партија и понатаму има предност во анкетите е недоволната консолидација на опозицискиот блок. Според него, СДСМ сè уште се опоравува од изборниот пораз и од последиците на низа политички одлуки и случувања од изминатите години.

Осврнувајќи се на најавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за создавање поширока опозициска коалиција, Пендаровски изрази целосна поддршка за таквата идеја, оценувајќи дека само обединета опозиција може да биде сериозен предизвик за актуелната власт.