Владите на земјите од Европската Унија ја разгледуваат можноста поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, или поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, да ја претставуваат ЕУ во потенцијални преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, објави денес британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Бидејќи Соединетите Американски Држави не успеваат да преговараат со Владимир Путин, Европската Унија размислува за повторно отворање на формалните канали за комуникација со Москва за да се обиде да ја заврши војната во Украина. Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, се меѓу личностите што се разгледуваат да ги претставуваат Европејците на преговарачката маса, објавува „Фајненшл тајмс“.

Американската администрација, моментално преокупирана со сопствената војна на Блискиот Исток, ги информирала своите европски колеги дека не е против Европа да разговара со Путин покрај мировните преговори предводени од САД, изјавиле добро информирани извори за британскиот весник.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата изјави дека Москва може да го продолжи дијалогот со Европа, но ја критикуваше Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, поранешна премиерка на Естонија, наведувајќи дека таа не би била соодветна за идните преговори со Москва.

„Не би било во интерес на Каја Калас да ја игра улогата на преговарач. Не би било лесно за неа. Ако се сеќавате, Путин рече дека тоа може да го стори секој што не кажува премногу лоши работи“ за Русија, рече Песков.

Текстот Фајненшл тајмс: Ангела Меркел и Марио Драги се можни преговарачи на ЕУ со Путин е превземен од МАКФАКС.