Кери Џонсон, сопругата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон, изјави дека таксистот и сериски силувач Џон Ворбојс би можел да има „до илјада, ако не и повеќе“ жртви. Џонсон, која самата беше една од неговите цели и помогна да се изведе пред лицето на правдата, го коментираше случајот откако барањето на Ворбојс за условна слобода беше одбиено минатата недела, што таа рече дека е „огромно олеснување“ за преживеаните, објавува The Guardian.
Одборот за условна слобода заклучи минатата недела дека Ворбојс, кој отслужува доживотна казна затвор, „останува под висок ризик од извршување на понатамошни сериозни сексуални престапи врз жени“.
Кери Џонсон, една од неколкуте жени кои се огласија за да се осигурат дека Ворбојс ќе остане зад решетки, рече дека веста за отфрлањето на неговата жалба им донесе огромно олеснување на многу жртви.
Појавувајќи се во емисијата „Добро утро Британијо“, Џонсон го процени можниот број на жртви. „Факт е дека неговите злосторства, доколку ни е познато, се протегале од 2000 година до неговото апсење во 2009 година. Тој работел како таксист во текот на тој период, потенцијално секоја вечер, така што бројот на жртви може да биде во илјадници, ако не и повеќе“, рече таа.
Таа додаде дека откако е емитувана телевизиската драма за неговите злосторства, се огласиле повеќе жени кои веруваат дека биле во неговото такси, што, според неа, „навистина би можело да му помогне да остане зад решетки засекогаш.“
Кери Џонсон имала 19 години кога наишла на Ворбојс додека чекала ноќен автобус во 2007 година по ноќно излегување во Челзи. Тој ѝ понудил да ја однесе до куќата на нејзината мајка во југозападен Лондон за 5 фунти. Во таксито, ѝ понудил чаша шампањ за да ја прослави својата наводна добивка во казино.
„За среќа, и сум неверојатно благодарна за тоа, не го испив“, напиша подоцна за Дејли Меил. „Продолживме да разговараме и малку по малку сипав шампањ на подот од таксито, осигурувајќи се да не забележи“, додаде таа.
Се сетила како го запрел таксито во близина на темниот и пуст Патни Комон и излегол, верува таа, чекајќи дрогата во пијалокот да дејствува. Тој се вратил со шише вотка, седнал на задното седиште и, и покрај нејзиното противење, инсистиралда се напие „една брза доза“.
Ја оставил дури откако му кажала дека нејзината мајка ја чека.
Фото/ЕПА
Текстот Сопругата на Борис Џонсон: Таксистот можеби силувал 1.000 жени, јас го пријавив е превземен од МАКФАКС.























