Рускиот претседател Владимир Путин ја почна денеска дводневната посета на Кина, каде што со кинескиот лидер Ши Џинпинг ќе разговара за проширување на врските и за горливите глобални прашања, пренесува агенцијата „ДПА“.

Путин е придружуван од делегација составена од министри, бизнис лидери и високи функционери, вклучувајќи ја и гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, како и шефовите на големите енергетски компании како „Гаспром“ и „Роснефт“, соопшти Кремљ.

Поради западните санкции воведени како одговор на руската војна против Украина, многу руски компании станаа зависни од Кина како трговски партнер. Во видеото снимено пред неговото пристигнување во Пекинг, Путин изјави дека е задоволен што повторно ја посетува Кина и ги истакна поблиските контакти меѓу луѓето благодарение на новиот договор за безвизен режим меѓу двете земји. Путин исто така посочи дека обемот на трговската размена меѓу земјите пораснал на повеќе од 200 милијарди долари.

До посетата на Путин на Кина доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на таа земја. Иако се очекува Ши да го информира Путин за тие разговори, официјални лица од Кремљ изјавија дека посетата била планирана однапред и дека не претставува директен одговор на Трамп.

Пекиншкиот „Глобал тајмс“ (Global Times) напиша дека Кина сè повеќе се развива во центар на светската дипломатија. Повикувајќи се на аналитичари, медиумот наведе дека од Студената војна наваму е исклучително ретко една земја да ги прими лидерите на САД и Русија еден по друг во рок од една недела.

Разговорите меѓу Путин и Ши се закажани за утре, а ќе бидат фокусирани на понатамошниот развој на она што двете страни го опишуваат како привилегирано стратешко партнерство, како и на регионалните и меѓународните прашања.

Според Кремљ, лидерите ќе потпишат заедничка декларација и низа билатерални договори. Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека вкупно би можеле да се потпишат околу 40 документи кои ги опфаќаат индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.

Текстот Путин со делегација од министри и високи функционери пристигна во Кина е превземен од МАКФАКС.