Андреј Жерновски од СДСМ ја обвини власта за дволична политика. Тој вели дека за најавениот политички собир за поддршка на српскиот претседател, Александар Вучиќ, во Куманово, нема никаква реакција.

„Замислете само што ќе се случеше ако утре во Македонија се организира, на пример, митинг за поддршка на Радев. Мицкоски, Муцунски и целата нивна орбановска медиумска мрежа ќе врескаше за „мешање во внатрешни работи“, „загрозен суверенитет“, „национално предавство“ и ќе држеа прес-конференции на секои два часа. Ама кога во Куманово јавно се организира политички собир за поддршка на братот Вучиќ- тогаш молк.
Нема патриотски говори. Нема драматични статуси. Нема осуди. Нема „патриотски“ прес-конференции.
Ова (пре)молч(ув)ење е најдобар доказ за нивната дволична политика“, напиша Жерновски на „Фејсбук“.

Тој вели дека за власта не е проблем мешањето во политиката на друга држава, туку проблем им е само кој го прави тоа.

„Но, ајде да побараме разум во нивниот патриотски наратив: Ако 3.504 Бугари во нашата држава одеднаш се претставуваат како огромен ризик за државата и народот, тогаш како е можно 35.939 Срби во Македонија да не се никаква закана за македонскиот идентитет, јазик, култура? Нема логика, така? Ете ја целата манипулација на власта- намерно ширење, и тоа селективно, на лаги и страв. Тоа, се разбира, не е ништо друго туку барање изговор за да продолжат со самоизолацијата на Македонија, односно со сопственото блокирање на нашиот европски пат“, вели Жерновски.

Додава дека не станува тука збор за никаква нивна борба за идентитетот, туку за евтина политичка манипулација со емоциите и стравовите на граѓаните.

„Кога им одговара- туѓ политички митинг е „братска поддршка“. Кога не им одговара- истото тоа е „национална катастрофа“. Ете, толку вреди нивниот патриотизам“, вели Жерновски.

Текстот Жерновски: Во Куманово собир за поддршка на Вучиќ, од власта молк е превземен од МАКФАКС.