Секојдневните сведоштва за булинг, физички пресметки, закани и инциденти со ладно оружје во училиштата и ученичките домови се јасен сигнал дека системот за превенција потфрла, а Министерството за образование и наука не презема соодветни активности. Ова на денешната прес-конференција го истакна претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, кој обвини дека во образовниот систем недостасуваат стратегија и системска реакција. Според партијата, кога тендерите и финансиските интереси стануваат приоритет, а законите се ставаат во втор план, децата остануваат занемарени и без заштита, додека наставниците и професорите се принудени сами да се справуваат со системската неспособност.
Поради, како што велат, целосниот институционален неуспех во заштитата на учениците, од СДСМ испорачаа барање за одговорност од министерката Весна Јаневска, како и итна смена на сите директори на училишта кои криеле, игнорирале или не реагирале навреме на насилството. Од партијата потенцираат дека неспособноста не смее да се наградува со функции, а молчењето да стане пракса. Дополнително, се бара и спроведување на вонреден инспекциски надзор во училиштата и ученичките домови со цел да се направи ревизија на сите безбедносни протоколи. Оваа мерка, според СДСМ, треба да утврди кои училишта имаат само формални процедури на хартија без реална примена. Со цел целосна транспарентност и отчетност, опозицијата бара од министерството редовно да објавува и годишен извештај со јавни податоци за булингот, насилството и преземените мерки.
Со цел да се обезбедат побезбедни училишта, Комисијата за образование и наука на СДСМ предлага пакет од десет итни мерки, со порака до надлежните дека слободно можат да ги прифатат и да ги претстават како свои, доколку тоа донесе резултат во заштитата на децата. Како прв чекор се предлага итно воведување на унифициран безбедносен протокол со јасни процедури за постапување при булинг, насилство и внесување оружје во сите основни и средни училишта. Паралелно со ова, се бара итно вработување на психолози и педагози таму каде што со години недостига кадар, при што како минимум се одредува еден психолог на 300 ученици, заедно со задолжителна стручна служба во ученичките домови.
Понатаму, планот предвидува формирање на училишни тимови за брза реакција и превенција на насилството, во кои би биле вклучени психолози, педагози, наставници и претставници на родителите. На национално ниво, СДСМ предлага воведување на анти-булинг програма со редовни едукативни работилници за учениците, родителите и наставниците. Во насока на подобра координација, се бара засилена и превентивна соработка помеѓу училиштата, Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа, со цел институциите да реагираат пред да се случи трагедија. За самите ученици се предлага функционална дигитална платформа и анонимна линија преку која ќе можат без страв да пријавуваат насилство, закани или опасно однесување.
Предлогот содржи и барање за поголема безбедност преку засилени контроли, подобар надзор и редовни превентивни проверки во училиштата, ученичките домови и нивната околина. СДСМ во пакет-мерките вклучува и обврзувачки програми за ментално здравје кај младите со фокус на емоционалната поддршка, стресот, анксиозноста и меѓуврсничките односи. За да се спречи институционалната бавност, се предлага законска обврска за постапување по секоја пријава за насилство во рок од 24 часа, како и построга одговорност за раководствата кои игнорирале пријави. На крајот, СДСМ смета дека е неопходно формирање на национален кризен штаб за безбедност во образованието, бидејќи тековната состојба покажува дека државата нема стратегија за превенција, а институциите целосно ја изгубиле контролата врз состојбите, поради што цената ја плаќаат учениците.
Текстот (Видео) Булинг, ножеви и тепачки во училиштата, СДСМ бара одговорност од Јаневска и директорите е превземен од МАКФАКС.























