Американскиот државен секретар, Марко Рубио, порача дека на САД не им е потребна помош од Кина во врска со Иран.

Сепак, тој истакна дека американскиот претседател, Доналд Трамп и кинескиот лидер, Ши Џинпинг, пронашле „заеднички јазик“ околу прашањето за Ормускиот Теснец.

„Не бараме помош од Кина. Нивната помош не ни е потребна“, изјавил Рубио за „Ен-Би-Си“.

Тој додал дека двете страни се согласиле во противењето на развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран и дека делат загриженост за тој исклучително важен поморски премин, пишува „Ал Џезира“.

„Кинеската страна порача дека се противи на милитаризацијата на Ормускиот Теснец, како и на воведување наплата за премин, а тоа е и наш став“, изјавил Рубио.

Рубио воедно го предупреди Техеран да не се обидува да ги искористи поделбите во американската политика за да влијае врз преговорите со Вашингтон.

„Претседателот јасно порачува: ако Иранците мислат дека ќе ја искористат нашата внатрешна политика за да го принудат на лош договор, тоа нема да се случи“, изјавил Рубио.

Текстот Рубио: Не бараме помош од Кина, нивната помош не ни е потребна е превземен од МАКФАКС.