Иран почна да дозволува одредени кинески бродови да минуваат низ Ормускиот теснец откако постигна договор за правилата на Иран за управување со водниот пат, објави денес агенцијата „Фарс“, повикувајќи се на информиран извор.
Извештајот на „Фарс“ дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп, кој е во државна посета на Кина, се согласи со кинескиот претседател Шји Џјинпинг дека Ормускиот теснец мора да остане отворен за слободен проток на енергија.
Изворот изјавил за „Фарс“ дека одлуката е донесена по барање на кинескиот министер за надворешни работи и кинескиот амбасадор во Иран, при што Техеран се согласи да го олесни преминувањето на одреден број кинески бродови во согласност со стратешкото партнерство на двете земји.
Откако започнаа нападите на САД и Израел на 28 февруари, Иран значително го ограничи сообраќајот низ Ормускиот теснец. Блокадата на иранските пристаништа од страна на САД, воведена неколку дена по договореното примирје на почетокот на април, ја продолжи кризата во водниот пат што пренесува една петтина од светската трговија со нафта и природен гас.
Не беше веднаш јасно колку овој потег ќе ја промени ситуацијата на терен, со оглед на тоа што Иран веќе за време на војната посочи дека неутралните бродови, особено оние поврзани со Кина, можат да поминат низ теснецот ако се координираат со иранските сили.
Податоците од следењето на бродовите покажаа дека кинески супертанкер што превезувал два милиони барели ирачка сурова нафта поминал низ Ормускиот теснец во среда откако бил блокиран во Персискиот Залив повеќе од два месеци поради војната меѓу САД и Иран.
Текстот Иран: Се договоривме со Кина за Ормускиот теснец е превземен од МАКФАКС.























