Заменик-министерот за надворешни работи на Иран за правни прашања, Казем Гарибабади, остро го осуди најновиот обид на Вашингтон да наметне усвојување на резолуција за Ормускиот теснец во Советот за безбедност на ОН, опишувајќи го како груб обид за искривување на фактите и заштита на вистинските агресори.
Во изјава објавена доцна синоќа на мрежата Икс, Гарибабади истакнува дека САД, заедно со некои од нивните регионални сојузници, повторно се обидуваат да ја „заменат тезата“, претворајќи ги последиците од воената агресија и нелегалната опсада во обвинение против Иран, „единствената земја што е жртва на закани, притисок и директни напади“, објави денес иранската телевизија „Преш“.
„Слободата на пловидба е почитуван правен принцип, но не може да се толкува селективно или политички и не може да се одвои од Повелбата на ОН“, напиша тој.
Висок ирански дипломат нагласи дека секоја вистинска иницијатива за поморска безбедност во регионот не може да ја игнорира повторената употреба на сила, наметнувањето на поморска блокада, тековните закани и директната улога што ја играат САД и израелскиот режим во создавањето на сегашната криза, додека се преправаат дека дејствуваат со неутралност и правен кредибилитет.
Гарибабади презентираше дека суштинскиот проблем не е преминувањето на бродовите „во вакуум“, туку дека одредени влади се обидуваат да ги преформулираат резултатите од сопствените нелегални дејствија на јазикот на таканаречениот „меѓународен поредок“.
„Таквиот пристап не придонесува ниту за деескалација ниту за поморска безбедност, ниту за кредибилитетот на мултилатералните механизми“, предупреди тој.
Како што заклучи, секој текст што се стреми да ја претстави ситуацијата во Ормускиот теснец без експлицитно да спомене агресија, опсада, закани со сила и легитимното право на Иран да ја брани својата безбедност и виталните национални интереси „ќе биде погрешен, пристрасен, политички обоен и осуден на пропаст од самиот почеток“, пренесува Танјуг.
Коментарите на Гарибарди дојдоа откако Вашингтон минатата недела одржа разговори зад затворени врати со одредени земји од Персискиот Залив за да ја промовира својата нацрт-резолуција, според иранската телевизија.
Текстот Иран ја осуди американската нацрт-резолуција на ОН за Ормускиот теснец: Тоа е замена на тезата е превземен од МАКФАКС.























