Бугарската позиција се заоснова на принципи и е константна, и базирана e на механизмот и принципот на сопствените заслуги . Ова денеска од Берлин пред бугарските новинари го изјави шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова, јавува Трибуна.

„Важната точка што ја поставивме во делот за дискусијата (за напредокот на Украина) е дека какви и одлуки да се донесат, не треба да има двојни стандарди меѓу државите од Западен Балкан и Украина“, додаде Петрова.

Во однос на РС Македонија првата дипломатка на Бугарија изјави дека се сретнала со надворешниот министер Тимчо Муцунски.

,, Имавме убава прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија, тоа беше прва средба и за двајцата. Позицијата на Бугарија е јасно изразена и истата од 2022 година веќе не е билатерално прашање. Се работи за прашање меѓу Европската унија и државата кандидат. Денеска таа позиција беше потврдена. Јас се радувам дека тоа е една од позициите за која што ние во Бугарија имаме широк политички консензус, и тоа им го кажав на нашите северно македонски партнери. Очекуваме да видиме од нивна страна активности што ќе покажат дека тие ја имаат целосната политичка подготвеност навистина да одат напред по нивниот европски пат. Бугарија останува фактор на поддршка и за нас исто така е важно да видиме активност и поголема заложба од нивна страна во однос на договорите што веќе се постигнати.”, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија.

Петрова додаде дека нејзините колеги од Северна Македонија ја имале уникатната можност да го видат сериозниот напредок на земји како Албанија и Црна Гора и подвлече дека ако не ја искористат шансата на можното отворање во наредниот период можат навистина да загубат.

,,Ги повикав да се придржуваат кон договореното од 2022 година и да ги направат потребните политички чекори“, вели Петрова.