Со жалење констатираме дека СДС продолжува со истата стара практика – пласирање празни, неосновани и политички мотивирани обвинувања, без суштина и без каква било реална допирна точка со потребите на граѓаните на Општина Аеродром, истакна на прес-конференција Сузана Павловска, претседател на совет на Општина Аеродром.
„Со последното соопштение за реконструкцијата на плочниците, СДС уште еднаш покажа дека нема ниту идеи, ниту визија, ниту доблест да признае дека во Општина Аеродром се работи како никогаш досега – домаќински, одговорно и во интерес на граѓаните.
Иронијата е уште поголема кога токму СДС денес зборува за тротоари, плочници и јавни површини кои со години беа целосно запоставени, и тоа токму во нивно време. Денес, кога конечно се врши реконструкција и уредување на пешачките површини во Три Бисери, Ново Лисиче и Лисиче, тие нервозно се обидуваат да го претстават како проблем, наместо како решение што граѓаните со години го бараа“.
СДС, како што додава, манипулира со тврдења дека се менувале „здрави плочки“, свесно премолчувајќи дека реконструкциите се вршат врз основа на увид на терен, стручни проценки и реална потреба за поголема безбедност, функционалност и уреден изглед на јавните површини.
„Наместо да поздрават што конечно се инвестира во инфраструктурата, тие повторно избираат евтина политичка хистерија.
Плочниците кои СДС ги посочува се објекти кои сè уште се во фаза на изведба и не се завршени, па навистина останува нејасно како успеале да „видат аномалии“ на локации каде што работите сè уште се во тек.
Изведувачот е должен по завршувањето на работите, објектите да ги предаде на Општина Аеродром во целосно функционална, безбедна и уредна состојба, согласно сите стандарди и прописи“.
Кога ги слушаме овие празни обвинувања, добиваме впечаток, вели Павловска, дека претставниците на СДС како да не живееле во Аеродром и не ја паметат катастрофалната состојба во која со години беа оставени токму овие плочници и јавни површини.
„Денес, кога конечно се работи и се инвестира во нивна реконструкција, тие повторно се обидуваат политички да профитираат на сметка на проектите што граѓаните одамна ги бараа.
Додека тие со години само ветуваа, а ништо не реализираа, денес во Аеродром се работи со полна пареа. Се градат и доградуваат училишта, детски градинки и спортски сали, се реконструираат повеќе километри улици, тротоари и јавни површини, а низ целата општина се реализираат капитални проекти.
За разлика од времето на СДС, кога парите на граѓаните завршуваа којзнае каде, денес секој денар се вложува во конкретни проекти и видливи резултати. Јавноста за сè е навремено и транспарентно информирана, со сите детали и информации достапни за граѓаните“.
Очигледно, посочи таа, СДС не може да се помири со фактот дека заврши времето на бескрупулозно испумпување пари од буџетот на Општина Аеродром, без отчетност и без резултати.
„Денес, наместо тендери за привилегирани структури и празни ветувања, граѓаните гледаат работа на терен, механизација, реконструкции и реализација на проекти.
Наместо секојдневно да шират манипулации и да се обидуваат безуспешно да ја замајуваат јавноста, ги повикуваме конечно да бидат конструктивна опозиција и барем еднаш да застанат на страната на интересите на граѓаните, а не на страната на дневната политика. Во СДС се очајни во обидите за собирање политички поени, со надеж дека ќе успеат да го спречат сè поизвесното распаѓање на нивната партија.
Општина Аеродром ќе продолжи силно, одговорно и посветено да работи за граѓаните и да реализира проекти што носат вистински промени во секое маало и за секој жител на Аеродром“.























