Шпанската министерка за здравство, Моника Гарсија, ги објави деталите од протоколот за постапување при пристигнувањето на крузерот „MV Hondius“ на пристаништето Гранадила. Според нејзините изјави, примарна цел на операцијата е „максимална безбедност“ за сите инволвирани страни.

Планот вклучува низа строги логистички и здравствени мерки за да се спречи каков било ризик по јавното здравје на Канарските Острови.

Клучни точки на оперативниот план:

Позиционирање на бродот: Бродот нема да се закотви директно на прекуокеанскиот терминал, туку ќе остане закотвен во пристанишниот базен со постојана асистенција од реморкер.

Здравствена евалуација: Пред да им биде дозволено да се симнат, сите патници ќе поминат низ темелни медицински прегледи за да се потврди дека не покажуваат никакви симптоми на болест.

Етапно истоварување: Напуштањето на бродот ќе се одвива скалесто (во фази) со користење на помали чамци, со цел да се избегне метеж и да се одржи контрола.

Приоритет за шпанските државјани: Министерката Гарсија потврди дека се очекува шпанските граѓани да бидат првите кои ќе го напуштат бродот.

Заштитна опрема: Како дополнителна мерка за претпазливост, сите патници ќе бидат обврзани да носат маски FFP2. Истата обврска важи и за целиот оперативен и логистички персонал вклучен во трансферот.

Телото на починатиот останува на бродот

Еден од најспецифичните делови на овој план се однесува на лицето кое починало за време на патувањето. Министерката нагласи дека телото на починатиот нема да биде изнесено на Канарските Острови.

Наместо тоа, „MV Hondius“ ќе го продолжи својот пат кон Холандија. Таму е предвидено да се изврши комплетниот процес на дезинфекција на бродот и да се спроведат понатамошните законски процедури.

Потсетуваме, во Тенерифе се спроведуваат силни безбедносни подготовки, откако на бродот беа потврдени случаи на опасниот андес сој на хантавирус, од кој досега починаа три лица. Бродот треба да пристигне утре во раните утрински часови. На пристаништето се поставени шатори, контролни пунктови и дополнителни безбедносни зони. Покрај тоа, се поставуваат оградени коридори низ кои патниците ќе бидат пренесувани директно до автобуси и аеродромот, без контакт со локалното население. Шпанските власти уверуваат дека патниците нема да дојдат во допир со жителите на островот.

Потврдени шест случаи, тројца починати

Според податоците на СЗО, досега се потврдени шест случаи на хантавирус поврзани со бродот, додека уште два случаи се сомнителни. Тројца луѓе починале.

На бродот сè уште има 147 лица – 87 патници и 60 членови на екипажот.

Тројца патници веќе биле префрлени со авион во Холандија и се под лекарски надзор.

Што е хантавирус?

Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, но Andes сојот, кој е откриен на бродот, во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек.

Вирусот предизвикува тешко белодробно заболување со смртност од околу 40 проценти. Првите симптоми наликуваат на грип – температура, замор и болки – а подоцна следуваат кашлица, отежнато дишење и течност во белите дробови.

Текстот Шпанските власти го презентираа планот за пристигнувањето на бродот со хантавирус во Тенерифе е превземен од МАКФАКС.