Ник Норвик (27), докторант по медицина на Универзитетот Харвард, привлече огромно внимание во јавноста со својот необичен експеримент. Тој во текот на еден месец изјаде дури 720 јајца за да го испита нивното влијание врз нивото на холестерол во организмот.
Норвик, кој се занимава со истражување на метаболичкото здравје, одлучил секојдневно да консумира по 24 јајца подготвени на различни начини – од кајгана и пржени јајца, до омлети и полнети јајца. Неговата цел беше преку практичен пример да ги приближи сложените метаболички процеси до јавноста и да поттикне дискусија за исхраната.
Експериментот низ две фази
Истражувањето беше поделено на два дела:
Првите две недели: Норвик се држел до исхрана со екстремно низок внес на јаглехидрати, покрај големата количина на јајца.
Вторите две недели: Во својот режим почнал да внесува и јаглехидрати.
Резултатите беа изненадувачки. Нивото на холестерол кај него не се променило значително во периодот кога внесувал само јајца. Напротив, по воведувањето на јаглехидратите во втората фаза, неговиот холестерол опаднал за околу 20 отсто.
„Не постои една најдобра исхрана за сите“
Норвик појаснува дека ваквиот исход е резултат на метаболичкото прилагодување на организмот на новиот режим. Тој нагласува дека неговата намера не била да промовира „совршена“ диета, туку да покаже колку различни фактори влијаат врз метаболизмот.
„Кога се проценува што е добро, мора да се земат предвид здравствената состојба на личноста и нејзините цели. Некои сакаат долговечност, додека други се фокусираат на здравјето на срцето“, порачува тој.
Преку вакви експерименти, овој млад научник сака да ја направи науката разбирлива и достапна за секого.
Текстот Експериментот на доктор од Харвард што го шокираше светот: Јадел дури 720 јајца за еден месец, и ги споделил резултатите е превземен од МАКФАКС.























