Некои од нуклеарните постројки во Иран можеби ги преживеале нападите на САД и Израел, објави денес Си-ен-ен, а пренесува Анадолија.
Во извештајот се наведува дека во овие последни напади, голем дел од производствениот процес бил „значително оштетен“, но дека некои клучни делови, поврзани со залихите на високо збогатен ураниум, „можеби воопшто не биле погодени“.
Се додава дека рудникот за ураниум Сагханд, каде што се вади суровината, значително се проширил во последните години, а неодамнешните слики по нападот не покажуваат знаци на оштетување и работата на локацијата сè уште е во тек.
„Сè уште има нешто вредно таму долу“
Според извештајот, постројки како што е фабриката за конверзија на ураниум во Исфахан, каде што материјалот се прочистува и се претвора во ураниум хексафлуорид, претставувале „најголем проблем“ за САД и Израел.
Исто така, се наведува дека Иран покрил неколку влезови во подземни тунели во близина на овие постројки по нападот, што сугерира дека „сè уште има нешто вредно таму долу“.
Тензиите во регионот ескалираа откако САД и Израел започнаа напади врз Иран на 22 февруари, што го натера Техеран да возврати на Израел и сојузниците на САД во Заливот, вклучително и затворање на Ормускиот теснец.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан, но разговорите во Исламабад не доведоа до траен договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна го продолжи прекинот на огнот на неодредено време.
Текстот Си-ен-ен: Дел од нуклеарните постројки на Иран ги преживеаја нападите на САД и Израел е превземен од МАКФАКС.























