Во Венеција денoвиве заминува уметникот Велимир Жерновски и тимот од Музејот на современата уметност – Скопје што го организираат македонското претставување на престижното 61. Биенале за уметност. Тие веднаш ќе почнат со поставување на монументалната инсталација „Дали моите очи ќе бидат затворени или отворени?“, која е дел од проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“, на кураторите Тихомир Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада.
Македонскиот павилјон се наоѓа на локацијата „Спацио Кастело 77“ на влезот во престижното Арсенале. Комесар на нашиот проект е Авни Ќаили, директор на МСУ. Венециското биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе трае повеќе од шест месеци – од 9 мај до 22 ноември 2026 година. Во петокот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими Жерновски и Топузовски и разменија мислења за концептот и подготовките на македонскиот павилјон и за уметничкото решение со кое Македонија ќе се претстави пред меѓународната публика, на настанот што со децении ја возбудува светската културна сцена и јавност.

„Се согласивме околу насушната потреба од континуирана институционална поддршка на уметноста и културата, како и за важноста на македонското учество на Биеналето во Венеција, како исклучителна можност за достојно претставување и афирмација на нашиот творечки потенцијал“, вели Сиљановска-Давкова.
Според Велимир Жерновски, Венециското биенале е исклучително голем настан, еден од најголемите посветени на уметноста, воопшто. „Чест е, но и голема обврска, бидејќи не станува збор само за лично претставување, туку за претставување на државата“, вели Жерновски.
Тој во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар-повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложен со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Но, во овој случај, служи за авторот повторно да ја облече Пиетата за да создаде нови значења.
„Делото поставува прашања поттикнати од размислувања од онтолошка призма. Што е она што нè тера да продолжиме, да станеме, да застанеме? Сите размисли околу овие прашања завршуваат со феноменот на љубовта. Каде ја наоѓаме таа силна нишка која нè води да опстанеме. Посебно во овие злокобни времиња, кога повторно светот најавува пламена иднина. Не во човековите достигнувања, веќе во насока кон тотална деструкција“, вели Жерновски.

Тихомир Топузовски објаснува дека во кураторскиот пристап прво е концептуализирана темата, која се однесува на разобличување на фигурацијата на Пиетата, во која универзалната фигура на Човекот, произлезена од дискурсите на хуманизмот, монотеистичките религии и историските метанаративи станува децентрирана и обезформена. Преку употребата на прекривки кои со метализиран сјај ја покриваат површината на Пиетата, формите се обезличуваат, преминувајќи во нов спектар на облици, надвор од големите наративи кои ги одредуваат историските значења.
„Подеднакво беше значајна материјалната симболика на прекривката, од материјал првично создаден за вселенски мисии, кои денес функционираат како визуелни маркери на жртвите на глобалната нееднаквост, конфликтите, страдањата, уништените живеалишта. Така делото покренува нераскинливи релации со актуелните кризни состојби на ургентност. Преку оваа поетика на прекривање и преобразба, проектот гради нови етички рамки за сочувство со минорните, поединци и групи кои се во постојана несигурност и егзил, мутирачки телесности и други симболички присутности“, вели Топузовски.

Според Аманда Буткез, проектот ги поканува посетителите да размислат како субјективитетите и односите се реконфигурираат од бројните итни состојби на нашето време. Жерновски поставува предизвик за секој од нас.
„Тој нè повикува да размислиме за неговото прашање: Дали моите очи ќе бидат затворени или отворени?‘. Можеме ли да видиме излез од нашите историски односи кон посветла иднина? Или тие можности ќе останат скриени?“, вели таа.
Буткез објаснува дека кураторски не размислувале само за буквалната материјалност на ургентните покривки, туку и за начинот на кој нашите социјални, политички и еколошки односи се „текстурирани“ естетски: како се доживуваме едни со други преку сензации и појави.
„Сепак, ургентните прекривки претставуваат дилема: додека нè штитат од надворешните влијанија, тие нè изолираат од нив. Нè зачувуваат од силите што ни ги загрозуваат животите, телата и точките на контакт со другите. Но, истовремено нè држат во ограничувањата на историската материјална состојба. Како можеме да се промениме однатре, во нивните набори?“, објаснува таа.

Комесарот на изложбата, Авни Ќаили вели дека претставувањето во Венеција оди според предвидената динамика. Тимот веднаш ќе почне со монтирање на инсталацијата.
„Енергијата е одлична и имаме навистина високи очекувања“, вели Ќаили.

Велимир Жерновски е роден во Скопје во 1981 година. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Тој ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура преку медиумите на цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн. Реализирал самостојни изложби во: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.
Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Историјата на Биеналето започнува од 1895 година, кога била организирана првата Меѓународна уметничка изложба. Тема на главната изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), а куратор е Којо Куох (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Биеналето одлучило да ја реализира нејзината изложба како што таа ја замислила и дефинирала, од тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе се претстават 110 уметници од целиот свет, а ќе биде придружена со 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.
Текстот Како ќе изгледа „Пиета во прекривките на ургентноста“ во македонскиот павилјон на Венециското биенале е превземен од МАКФАКС.























