На 24 април 2026 година од 20:00 часот во Уметничката Галерија Куманово ќе биде отворена изложбата „Помеѓу одразите“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 20 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните некоплку години во материјал инокс. Кумановската публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 4 мај.

„Скулптурите се изработени од метал, од инокс материјал, и навистина ни овозможуваат едно, би кажала, симболично жртвување преку телесното и негово заменување со естетско промислување.

Овие скулптури ја пренесуваат публиката преку еден остварен систем на комуникација помеѓу уметничкиот објект и просторот и претставуваат таканаречени „веројатни светови“ кои ја прошируваат границата на свеста и визуелно и психолошки при што се чувствува распнатост помеѓу идејата и реализацијата. Во делата на Милошески се чувствува можноста на лична интерпретација и тој, всушност, информациски и сетилно низ различните форми ни ја пренесува својата визуелна егзалтација и кулминација.“ – вели Маја Крстевска, виш кустос, во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.

До сега има реализирано 39 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 18 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , „Награда за скулптура“ доделена од ДЛУМ во 2020 година, нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура „Секвенци на рефлексија“ во Младински кулптурен центар- сите поставени во Скопје.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 година е дел од управниот одбор на друштвото. Работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува деканската функција.

Текстот „Помеѓу одразите“ – изложба на скулптури на проф. д-р Слободан Милошески е превземен од МАКФАКС.